Зошто ефектот на Си-ен-ен (CNN) „функционираше“ во Косово
Кон крајот на 1990-тите, светот беше сведок на една трагедија што ги погоди дури и оние кои обично избегнуваат вести. Кога масовните убиства на цивили во Косово, особено во Дреница и Рачак, се појавија на телевизиските екрани на водечките западни медиуми, тоа предизвика вистински шок. Ужасните слики од уништени села, телата на цивилите и приказните на бегалците создадоа емотивна позадина наспроти која неактивноста ќе значеше губење на угледот. Токму овие визуелни приказни ги натераа владите на САД и НАТО да ја сменат својата позиција и да започнат воена интервенција. Овој феномен беше наречен „ефект на Си-ен-ен (CNN)“, кога медиумите го менуваат текот на политичките одлуки преку масовно и визуелно интензивно известување за некој настан.
Во случајот на Косово, западната публика беше емоционално вклучена, владите почувствуваа јавен притисок, а самиот конфликт доби „морална јасност“: црно-бела шема каде што агресорот и жртвата беа јасно дефинирани (Bahador, 2007). Ова им овозможи на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН да ја оправдаат својата интервенција претставувајќи ја како хуманитарна мисија. Во тој момент институциите, јавното мислење и медиумите делуваа едногласно. Тоа беше исклучителен пример за тоа како телевизијата не само што пренесува вести, туку буквално ја менува реалноста. Но, зошто ова сценарио не се повтори во следните конфликти?
Ефектот на Си-ен-ен се базира на идејата за глобална информациска мрежа што значително ја намалува дистанцата помеѓу светските настани и конзументите на вести. Овој феномен го одразува концептот на Маршал Меклуан за „глобално село“, кој го замислуваше светот како единствена заедница каде што, благодарение на модерните медиумски технологии, информациите се шират брзо и широко, создавајќи ефект на непосредно познавање на далечните настани. Појавата на 24-часовни информативни канали со глобално покривање, како што е Си-ен-ен, го зајакна овој процес со тоа што овозможи истовремено покривање на важни меѓународни кризи во реално време. Особено, преносите од Заливската војна во 1991 година беа првпат кога гледачите можеа да гледаат воени настани речиси „во живо“, што имаше моќно влијание врз обликувањето на јавното мислење и политичките одлуки. Жан Бодријар, во својот есеј „Немаше Заливска војна“, тврдеше дека телевизиското покривање на војната создаде медиумски симулакрум што ја замени реалноста и ги обликуваше перцепциите на гледачите за конфликтот, што не мора да одговара на вистинските настани.
Подоцна, истражувањата за ефектот на Си-ен-ен се фокусираа на неговата улога во влијанието врз надворешната политика, особено во однос на хуманитарните интервенции. Со прикажување извештаи за масовни прекршувања на човековите права и злосторства против човештвото, медиумите ги принудуваа политичките лидери поактивно да одговараат на таквите предизвици. Но, овој модел на влијание беше критикуван и од теоретичарите на меѓународните односи и од медиумските експерти. На пример, претставниците на реализмот нагласуваа дека вистинската моќ во донесувањето надворешно-политички одлуки треба да остане кај националните елити и дека влијанието на самите медиуми е тешко да се измери и процени точно. Подоцна, теоријата за ефектот на Си-ен-ен беше надополнета со хибридни пристапи, земајќи го предвид развојот на новите медиуми и разновидноста на изворите на информации. Дигиталните технологии и појавата на социјалните мрежи го разбија информацискиот монопол на телевизиските канали како Си-ен-ен. Сега агендата ја поставуваат не само уредниците, туку и корисниците со камерите во своите телефони и затоа односот меѓу новинарите и политичарите стана посложен и стратешки.
Кога вестите стануваат алатка за контрола
И покрај перцепцијата за независност на медиумите, бројни теоретски пристапи го доведуваат тоа во прашање. Според моделот на „производство на консензус“, вестите често се обликуваат во интерес на политичките и економските елити, а не на јавноста. Хипотезата за индексација оди уште подалеку: дури и ако новинарите првично дејствуваат независно, со текот на времето нивното известување постепено се прилагодува на официјалниот наратив, за што впечатлив пример беше скандалот со тортурата во Абу Граиб. Откако Си-би-ес (CBS) објави шокантни фотографии од мачењето на ирачките затвореници, медиумите не можеа да ја игнорираат темата, а известувањето беше спонтано и диктирано од самиот факт на протекување на информациите. Сепак, кога интервенираа Конгресот и претставниците на администрацијата на Буш, јавниот дискурс почна да се насочува во контролирана насока. Официјалните лица создадоа интерпретативна рамка која последователно доминираше во медиумите: го намали обемот на одговорност, се фокусираше на „изолирани случаи“ и ефективно им помогна на многумина од вклучените во злосторствата да избегнат казна. Така, независното новинарство му подлегна на влијанието на политичката елита.
За разлика од Косово, каде што снимките од масакрите вршеа притисок врз владите, во Ирак американската администрација (Буш-Чејни) ги користеше медиумите за промоција на својата агенда: наводното постоење оружје за масовно уништување во сопственост на Садам Хусеин. Си-ен-ен (CNN), Фокс њуз (Fox News), Ен-би-си (NBC), па дури и Њујорк тајкмс (NYT) станаа дел од информациската кампања.
Истражувачите го нарекоа тоа „рекурзивна пропаганда“: властите создаваат наратив, медиумите го шират, а јавноста ја поддржува одлуката.
Да, медиумите го прикажаа страдањето на Ирачаните, но не како причина за хуманитарна интервенција, туку како последица на режимот на Садам, кој требаше да биде „соборен заради демократијата“. Хуманитарните аргументи се појавија отпосле, како оправдување, а не како примарна причина. Наместо да ги доведат во прашање изјавите на владата (на пример, за хемиското оружје), новинарите често делуваа како мегафони на официјалната линија. По инвазијата, многу медиуми ги признаа своите грешки и се извинија, но беше предоцна.
Како ефектот на Си-ен-ен „застана“ во Сирија
Од 2012 година, светот гледаше илјадници снимки од мртви деца, урнатините на Алепо и напади со хемиско оружје (на пр., Гута во 2013, Кан Шејхун во 2017). Но, колку подолго траеше војната, толку помалку реагираше публиката. Визуелниот шок ја изгуби својата моќ поради навикнувањето, познато како „замор од сочувство“. За разлика од Косово (каде имаше јасен контраст меѓу агресор и жртва), во Сирија сè беше збунувачко: Асад, ИСИС, умерената опозиција, Курдите, САД, Русија, Иран, Турција – секој со своја агенда. Медиумите не можеа да ја прикажат приказната како црно-бела, па публиката се збуни и изгуби интерес. Русија блокираше какви било одлучни чекори од страна на ОН. Западните земји се плашеа да не го „повторат Ирак“ и немаа единствена позиција. Како резултат на тоа, дури и моќните слики на насловните страници не се претворија во политичка акција бидејќи механизмите за реагирање беа парализирани.
Сириските активисти први ги користеа Јутјуб и Твитер како главни платформи за привлекување внимание. Но, во исто време се водеше дезинформациска кампања, со лажни вести, монтирани видеа и негирања на хемиски напади. Ова ја поткопа довербата и им овозможи на политичарите да го игнорираат притисокот.
Војната во Сирија беше првиот пример дека ефектот на Си-ен-ен повеќе не е самоодржлив. Во контекст на сложени конфликти, политичка неактивност и информативен шум, дури и најшокантните слики (како фотографијата на Алан Курди на плажата или урнатините на Алепо) не предизвикуваа акција, како што беше во 1990-тите. Емпатијата се среќава со замор, а медиумите со фрагментација на довербата. Емпатијата се среќава со замор, а медиумите со фрагментација на довербата. Но, ова е исто така предизвик за новинарите и истражувачите: како да се преиспитаат хуманитарните пораки за да можат повторно да бидат влијателни.
Зошто медиумите не ја запираат војната
Од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, медиумите повторно беа преполни со ужасни снимки: разурнати куќи, крвави тела, бегалци на границите на ЕУ. Се чини дека еве уште еден случај за ефектот на Си-ен-ен. Но, и покрај изливот на меѓународна емпатија, светската политика не го промени радикално курсот. Големата војна во Европа, со нуклеарно вооружен агресор, не остави простор за емоционална импулсивност: политичарите дејствуваа врз основа на стратешка пресметка, а не врз основа на морален гнев.
Војната меѓу Израел и Палестина, исто така, нема таква јасност во глобалниот дискурс. Тука, секоја страна има своја армија од новинари, дипломати и адвокати кои имаат своја визија. Некои медиуми ги прикажуваат ужасните трагедии на цивилите во Газа, додека други го прикажуваат страдањето на Израелците под ракетен оган. Ефектот од емоционалната вклученост е расфрлан помеѓу конкурентски рамки.
Покрај тоа, и двете војни се толку долги и комплексни што дури и најужасните слики во вестите не поттикнуваат радикални политички одлуки. Западните влади балансираат меѓу домашните политички сили, меѓународните сојузи и сопствените интереси во регионот. Ова значи дека ниту една „слика“ не може да ја смени агендата.
Во такво опкружување, ефектот на Си-ен-ен се претвора во ехо-меур: секој го гледа само „своето“ страдање, а владите реагираат претпазливо бидејќи знаат дека јавното сочувство може да биде нестабилно.
Ефектот на Си-ен-ен како медиумски механизам повеќе не функционира како во 1990-тите, не само поради променетите политички услови, туку и поради трансформацијата на емоционалниот пејзаж на публиката. Постојаното присуство на визуелно насилство, информацискиот замор и неверувањето во ефективноста на хуманитарните одговори ги направија гледачите помалку чувствителни на сликите од страдањата. Сепак, тоа не значи целосно губење на емпатијата; туку бара други форми на активација. Затоа, современите медиумски и комуникациски истражувачи треба да бараат нови начини да допрат до публиката: преку персонализирани приказни, контекст, етичко врамување и длабочина. Ова можеби е одговорот на кризата на чувствителноста во ерата на пост-вистината.
Моќта на ефектот на Си-ен-ен зависи не само од суровоста на сликите, туку и од политичката структура, медиумскиот систем, геополитичкиот контекст и нивото на јавна доверба во медиумите. Во случајот со Косово, овие фактори се совпаднаа и телевизијата стана иницијатор за историски пресврт. Но, во војни каде влогот е поголем или наративите се поконфузни, ефектот на Си-ен-ен или ја губи својата сила или се претвора во шум без дејство. Ова не значи дека улогата на медиумите исчезнала. Напротив, таа станала уште поважна, но нејзиното влијание бара подлабоко разбирање и критичка рефлексија. Само тогаш ќе можеме да одговориме на главното прашање: зошто сочувствуваме со некои страдања, а други ги игнорираме?
Ставовите изразени на овој сајт се на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите, политиките и позициите на ЕЈО.
Tags: CNN, војна, војната во Украина, глобално село, ехо-комори, известување за војна, Израел, Ирак, Косово, медиумски војни, Палестина, производство на согласност, Сирија, теорија на индексирање, фрејминг


